Cancer Council

Групи за поддршка

Многу луѓе коишто се дијагностицирани со рак сметаат дека е корисно да се приклучат на група за поддршка. Групите за поддршка обично исто така ги прифаќаат и членовите од семејството и негувателите. Исто така има групи за поддршка само за луѓето кои се грижат за некој заболен од рак.

Групите за поддршка нудат и практична и емоционална поддршка и може да помогнат во сите фази од заболувањето од рак. Станувањето дел од група дава можности за споделување на информации, искуства и чувства во грижливо опкружување, каде што секој поминува низ истото искуство.

Има повеќе од 200 групи за поддршка на ракот низ NSW.

За повеќе информаци и детали за групата најблиску до Вас јавете се на Телефонската линија за помош на 13 11 20. Доколку имате потреба од толкувач, јавете се на Службата за преведување и толкување (TIS) на 13 14 50, кажете им го Вашиот јазик и дека сакате да разговарате со Телефонската линија за помош на Cancer Council на 13 11 20.  Персоналот што работи на Телефонската линија на Cancer Council исто така може да Ви даде информации во врска со служби кои може да им користат на луѓето коишто се дијагностицирани со рак, нивните семејства и негувателите, како и на здравствените професионалци.

Меѓу темите на кои зборуваат групите за поддршка се: справувањето со дијагнозата за рак и третманот, животот со рак и промените во Вашиот секојдневен живот, справувањето со Вашите емоции и емоциите на Вашето семејство, уживање во животот по ракот.

Ние имаме основано неколку групи за поддршка специфично за млади жени со рак на дојката, наречени „Soiree“. Тие групи се состануваат месечно во Сиднеј, Парамата, Централ Коуст, Хантер и Лизмор.  Дознајте за ‘Soiree’ групите во Вашиот регион со јавување на Телефонската линија за помош на 13 11 20.

Некои групи исто така може да понудат посебни семинари и програми, гости говорници, друштвени излегувања, брошури, телефонски повици, болници и домашни посети.

Првото излегување со групата за поддршка може да биде малку застрашувачко. Добро е што водачите на групата се свесни за тоа, па затоа сигурно ќе бидете топло пречекани. Дури можеби ќе сакате со себе да поведете партнер, пријател или роднина за дополнителна поддршка.

Ако сфатите дека првата група не е баш за Вас, секако пробајте друга група, сигурно ќе најдете некоја што повеќе одговара за Вас.