Cancer Council

Рак на кожа

Најчестите типови на рак на кожа се базоцелуларниот карцином (БЦК) и сквамоцелуларниот карцином. Третиот најчест тип рак на кожа е меланомот, којшто започнува во меланоцитите. Постојат и други ретки видови рак на кожата, како на пример, оние што се јавуваат од потните жлезди.

Австралија има највисока стапка на рак на кожата во светот. Еден од двајца луѓе што го поминуваат својот живот во Австралиија ќе развие извесна форма на рак на кожата.  Незаштитената изложеност на ултравиолетово (УВ) зрачење — од сонцето или други извори, како на пример, апаратите за сончање во солариуми — останува најзначаен фактор на ризик за рак на кожата.   УВ зрачењето не може да се види или да се почувствува, но може да предизвика изгореници од сонцето, предвремно стареење на кожата, оштетување на кожата што со текот на времето може да се влоши и да доведе до рак на кожата.

Иако ракот на кожата обично се појавува кај постари лица, оштетувањето обично започнува од изложеност на УВ зрачење на рана возраст, особено изгореници од сонцето. Новите стратегии за истражување укажуваат дека иако клетките честопати се оштетуваат во детството, изложувањето на сонцето во возрасното доба може да предизвика клетките да станат канцерогени.

Секој може да развие рак на кожата. Ризикот е зголемен ако лицето има повеќе бемки (невуси) на своето тело; не ја заштитува својата кожа од сонцето, или поминува долго време на сонце (пр. работи надвор); има лична или семејна историја за меланом; ретко, но интензивно се изложува на сонце (пр. на одмор или за време рекреативни активности), особено ако резултира со изгореници од сонце; има светла кожа што лесно гори, развива пеги или не потемнува; има црвена или руса коса и сини или зелени очи; или дамки од сонцето или диспластички невуси, или загрозен имунолошки систем.

Луѓето со темна или маслинеста кожа имаат поголема заштита од ракот на кожата, затоа што произведуваат повеќе меланин, за разлика од луѓето со светол тен. Сепак, поради тоа што УВ зрачењето во Австралија е толку многу силно, и луѓето со темна или маслинеста кожа треба да ја заштитуваат кожата.

Најдобриот начин за спречување појава на рак на кожата е да ја заштитите кожата од сонцето. Тоа можете да го сторите ако сте запознаени со УВ индексот, којшто го покажува интензитетот на сончевите зраци. Кога УВ индексот изнесува 3 (умерен) или повеќе, сончевите нивоа се доволно високи за да предизвикаат оштетување на кожата и потребна е заштита од сонцето. Избегнувајте го сонцето помеѓу 11:00 и 15:00 часот за време летното сметање на времето (10:00 и 14:00 часот во други годишни периоди) кога сонцето е најсилно. За време тие часови, повеќе од 60% од УВ зрачењето на сонцето стигнува до земјината површина. Користете ја сенката од дрвја, чадори за сончање, згради или кој било тип на стреа. Запомнете, УВ зрачењето е рефлективно и се одбива од површините како бетонот, водата и песокот, и Ви предизвикува изгореници дури и кога мислите дека сте заштитени. Носењето облека која покрива колку што е можно повеќе од кожата, вклучително на тилот. Најдобрата заштита доаѓа од збито исткаена ткаенина. Носењето на капа која ги штити лицето, вратот и ушите. Користењето на крема за сончање со заштитен фактор од сонцето (SPF) од +30, а којашто исто така има широк спектар и е водоотпорна, независно каков вид на кожа имате. Нанесување крема за сончање 20 минути пред да излезете на сонце и повторно нанесување на секои два часа по пливање или кои било активности кои предизвикуваат потење или нејзино отстранување од телото. Заштитете ги Вашите очи со очила за сонце кои го исполнуваат австралискиот стандард AS 1067 (проверете ја етикетата). Најдобри се панорамските очила за сонце. Водете грижа за заштита на новороденчињата и малите бебиња од директна изложеност на сончевата светлина. Користете сенка, чадори за сонце, облека и капи кои ги штитат. Ако е неопходно, користете SPF30+ крема за сончање на површинтие од кожата кои природно не можат да се заштитат, како на пример, на лицето и горниот дел од дланките. Не користете кревети за сончање и ламби за сончање, кои испуштаат УВ зраци што може да го зголемат ризикот за рак на кожа.

Малку сончева светлина е важна за Вашето здравје. Витаминот D, којшто е потребен за развој и одржување на здрави и цврсти коски, се создава кога кожата се изложува на УВ зрачење. Сепак, треба да бидете на сонце само околу 10 минути во повеќето денови од неделата, надвор од ударното време со УВ зрачење, за да произведете доволно витамин D за добро здравје. Поголемиот број на Австралијци добиваат доволно УВ зрачење од сонцето само со излегувањето надвор за вршење секојдневни активности.

Спознајте ја својата кожа и проверувајте ја четири пати годишно, проверувајќи го Вашето цело тело, вклучително петите на Вашите стапала, помеѓу прстите на стапалата и Вашите нокти. Користете огледало за да ги проверите површините, како на пример, Вашиот грб или задниот дел од Вашите нозе.

Знаци на кои треба да се обрати внимание се нова дамка која е различна од другите дамки на кожата околу неа; рана која не зараснува; дамка, бемка или пега која ја променила својата големина, форма или боја.

Вашиот лекар прво ќе ја провери сомнителната точка, бемка или пега. Доколку постои сомневање за рак на кожата, најверојатно ќе се направи биопсија за да се потврди дијагнозата. Биопсијата е брза и едноставна процедура.  Може да ја направи Вашиот општ лекар или тој може да Ве упати на специјалист.  Лекарот ќе нанесе локален анестетик и ќе ја исече точката. Обично ќе имате еден или повеќе конци со цел раната полесно да зарасне. Исеченото ткиво ќе биде испратено до лабораторија каде што ќе биде испитано под мискорскоп од страна на патолог. Најверојатно ќе треба барем една недела за резултатите од Вашите тестови да бидат готови. Периодот на чекање може да биде обеспокојувачки. Резултатите од биопсијата ќе помогнат за определување на можностите за третман.

Честопати, ракот на кожата се отстранува со биопсија и нема потреба од дополнителен третман.  Доколку ракот на кожата е голем или се проширил надвор од површината на кожата, треба да се отстрани поголем дел од ткивото.

За повеќе информации кликнете овде и преземете ја Листата со факти за Cancer Council (PDF)