Панкреасот е орган на дигестивниот систем што ја разложува храната за таа да може да се апсорбира и да ја користат клетките од телото. Туба наречена панкреасен канал го поврзува панкреасот со предниот дел од тенкото црево. Панкреасот содржи два типа на жлезди: егзокрини жлезди и ендокрини жлезди.
Ракот на панкреасот започнува во предниот дел од панкреасот каде што може да го затвори жолчниот канал и да предизвика жолтица. Исто така може да се рашири до блиските нерви и лимфните јазли и може да предизвика болка.
Во NSW околу 686 луѓе се дијагностицираат со рак на панкреас секоја година, со што тој е 13-от најчест вид на рак во NSW.
За ракот на панкреасот има стапка на преживување од само 7%, а речиси 30% од луѓето умираат за време два месеца од дијагностицирањето. Иако хирургијата претставува единствената можност за излекување, кај 80% од случаите заболувањето е толку напреднато во времето на дијагностицирање на пациентот, што не може да се земе предвид како можност.
Од 2008 година, Cancer Council собра повеќе од $6,5 милиони за истражувања поврзани со ракот на панкреас и затоа успеа да помогне во воспоставувањето на неколку важни истражувачки проекти предводени од истакнати научници во полето на ракот на панкреас.
Во тестовите за утврдување дали има присуство на рак се вбројуваат: крвни тестови, скен со ултразук, скен со КТ, скен со МРИ, ендоскопија и ERCP (ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија), ендоскопски ултразвук, скен со ПЕТ, биопсија за земање примерок од ткиво, лапароскопија.
Определувањето на стадиумот на лекарот му кажува колку ракот се проширил. Тие му помагаат на тимот за медицинска нега да одлучи кој третман е најдобар.
Хирургијата ја дава најдобрата можност за излекување на пациентите кои имаат заболување во рана фаза (ракот не се проширил надвор од панкреасот) и коишто имаат доста добро здравје, и покрај ракот. Најчестата операција е Whipple постапката (панкреатодуоденектомија). Радиотерапијата и хемотерапијата исто така се користат за лекување на ракот на панкреасот.
Палијативниот третман помага за подобрување на квалитетот на живеење на луѓето со ублажување на симптомите од рак, без обид за излекување на заболувањето. Важна е за луѓето со рак во напредна фаза, а исто така може да се користи во различни стадиуми на ракот за да помогне во ублажување на симптмите, како жолтицата, постојаното повраќање и загубата на телесна тежина, болката. Третманот исто така може да опфати справување со други физички и емоционални симптоми.