Cancer Council

Емоциите и ракот

Дијагнозата за рак може да предизвика да почувствувате спектар од силни емоции, како на пример, страв од смртта, лутина, надеж, вина, одрекување, тага, осаменост и очекување. Сите тие се природни реакции на таква значајна промена.

Дијагнозата за рак ќе влијае врз односите со семејството, пријателите и негувателите, и секое лице има сопствен начин на справување. Емоционалните влијанија на ракот може да траат долго по третманот. Вообичаено е луѓето да се чувствуваат вознемирени во врска со мали знаци на болест или болка, и да стравуваат од нивната повторна појава. Некои луѓе откриваат дека соочувањето со ракот го сменило нивниот живот на позитивен начин.

Ако имате рак, не значи дека треба да изгубите надеж. Изгледите за лекување на многу видови на рак постојано се подобруваат. Некои видови на рак може да се излекуваат, додека други може да се контролираат. Ако ракот не може да се контролира, симптомите може да се ублажат со цел животот да биде попријатен.

Честопати, првото прашање што луѓето го поставуваат кога ќе им кажат дека имаат рак е: „Дали ќе умрам?“.Вашиот лекар нека Ви објасни што значи дијагнозата за Вас и што може да донесе иднината. Поголемото знаење поврзано со Вашата болест може да помогне за ублажувањето на тој страв. Вашите надежи исто така може да се променат како што напредува третманот.

Споделувањето на веста за дијагнозата може да биде тешко. Може да се чувствувате непријатно кога разговарате во врска со лични работи или може да бидете несигурни во врска со тоа како ќе реагираат семејството и пријателите поради желбата да ги заштитите саканите, но споделувањето на веста може повеќе да ве зближи. Можноста да ги споделите Вашата вознемиреност и страв може да придонесе да се чувствувате посилни и да Ви помогне во тешките времиња. Не треба сами да се соочувате со ракот. Луѓето околу Вас веројатно би сакале да знаат што се случува за да можат да Ви дадат поддршка.

Понекогаш може да чувствувате дека никој не може да разбере низ што минувате. Во време кога Ви треба поддршка, обидете се да не ги исклучите другите. Кажете им на луѓето за дијагнозата кога ќе се чувствувате спремни и бидете подготвени за прашања, но определете граници, не мора да ги споделувате сите детали со секој.

Обидите за криење на дијагнозата обично се неуспешни. Порано или подоцна, семејството и пријателите ќе дознаат дека имате рак. Повеќето луѓе ќе бидат свесни дека нешто Ве мачи или ќе забележат промени во Вашето однесување или изглед. Вашето блиско семејство и пријателите веројатно ќе се почувствуваат повредени, ако не им кажете.

Некои луѓе избегнуваат да им кажат на своите деца дека имаат рак. Сепак, малите деца обично насетуваат дека нешто не е во ред, без разлика што не знаат што е тоа. Кога не знаат што се случува, децата може да си го замислуваат најлошото. Тие исто така може да дознаат од некој друг, поради што може да се чувствуваат лути или збунети.

Некои родители мислат дека ги заштитуваат децата со криењето на лошите вести. Всушност, Вашите деца може да имаат полза од Вашиот отворен и искрен пристап. Размислете што би кажале пред разговорот. Разговарајте со Вашите деца на јазик што го разбираат, со помош на едноставни објаснувања за мали деца. Уверете ги Вашите деца дека Вашата болест не е нивна вина и охрабрете ги да Ви кажат што знаат за ракот и искрено да одговараат на прашањата.

Понекогаш членовите на семејството дознаваат за дијагнозата за рак пред пациентот. Тие може да мислат дека лицето со рак е премногу младо или премногу старо за да му ја кажат вистината. Луѓето со рак обично кажуваат дека сакаат да знаат што се случува, со цел да одлучат каков третман да примаат и доколку шансите се слаби, како најдобро да го поминат своето време.

За многу луѓе, ракот е искуство што го менува животот. По завршување на третманот, веројатно ќе очекувате животот да стане каков што бил пред да Ве дијагностицираат. Приспособувањето на животот по третманот може да одземе време. Она што претходно за Вас било нормално, сега може да не биде. Вашето искуство со ракот може да Ве натера да размислите внимателно за тоа што е важно за Вас и да заземете нов поглед кон животот, вредностите и приоритетите.

Додека Вие си давате време да се приспособите на животот по ракот, запомнете дека Вашето семејство и пријателите исто така може да имаат потреба од време. Како и Вас, тие исто така поминале низ тешко време и може да имаат потреба од одмор и повторно приспособување.

Има многу различни работи што може да ги правите за да се грижите за себе по третманот со цел да имате здрава исхрана и начин на живот, да се вратите на претходните активности, како на пример хобија, спорт или работа, да научите техники за релаксација и да најдете време за забава и смеа. Советувањето исто така може да Ви помогне да се приспособите на животот по ракот. Не секогаш ракот е негативно искуство. Некои луѓе коишто преживеале рак, велат дека заболувањето имало позитивно влијание врз нивниот живот.

Работата е значаен дел од животот за многу луѓе, а не само начин за заработување. Дава задоволство и можност за дружење. Враќањето на работа може да биде еден начин да почувствувате дека животот е повторно нормален.

Вие најдобро може да одлучите кога да се вратите на работа. Различно е за секој и ќе зависи од тоа како се чувствувате. Помага ако се вратите за кратки временски периоди и ги зголемувате како што се чувствувате подобро. Обидете се постапно да ги вршите работите за да не се преморувате. Земете ја предвид можноста да разговарате со Вашиот работодавач за работење со неполно работно време, споделување на работата или работење од дома.

Може да се случи односите со колегите да Ви се променат по враќањето на работа. Како семејство и пријателите и Вашите колеги може да бидат несигурни во врска со тоа, што да кажат или да се обидат да ги заштитат Вашите чувства. Некои луѓе заклучиле дека отвореноста во врска со нивната состојба ги олеснува односите со соработниците.