Cancer Council

Митовите за ракот

Ракот не е заразен. Тој не може да се пренесе на пријателите или роднините или кој било друг, како што е случај со настинката или грипот.

Во едно истражување објавено во 2011 година, австралиските пациенти заболени од рак го именуваа стресот за пари и хипотеките, како причина број еден за појавата на нивниот рак, пред пушењето, прекумерната дебелина и семејната историја.  Ново истражување на Cancer Council со повеќе од 2.850 пациенти заболени од рак, откри дека речиси половина од испитаниците не знаеле што го предизвикал нивниот рак, а една четвртина сметале дека заболувањето не можело да се спречи.

Стресот е поврзан со неколку здравствени проблеми, но не предизвикува рак.

Околу 30% од видовите на рак може да се спречат со правење на неколку многу едноставни избори за начинот на живеење, како на пример, одржувањето на виталноста и активноста, избегнувањето на пушењето и ограничувањето на нездравата храна. Не само што тие одлуки ќе го спречат ракот, туку и ќе придонесат да се чувствувате подобро во секојдневниот живот.

Шеќерот во исхраната не е познат како фактор на ризик за ракот. Сепак, јадењето премногу шеќер може да доведе до зголемување на телесната тежина, а прекумерната тежина или обезноста е фактор на ризик за рак на дебелото црево, бубрезите, панкреасот (поджелудочната жлезда), хранопроводот и ендометриумот (внатрешниот ѕид на матката), како и рак на дојката кај жените во постменопауза.

Вештачките засладувачи, аспартам и сукралоза, се чини дека не се поврзани со ризикот за рак. Аспартамот исто така е познат под брендот NutraSweet®, и се користи во производи како Equal® и Diet Coke®. Сукралозата се користи за правење на Splenda®.

Сахаринот се користи за правење на Sugarine® и Sweet’N Low® и понекогаш е состојка во диететските безалкохолни пијалаци. Кај стаорци, високите дози сахарин може да создадат камења во мочниот меур, што може да доведе до рак на мочниот меур. Сепак, изгледа дека сахаринот не создава камења во мочниот меур кај луѓето.  Ако сахаринот го зголемува ризикот за рак кај луѓето, тоа се случува при дози многу пати повисоки од вообичаената консумирана количина. Во Австралија, Стандардите за храна на Австралија и Нов Зеланд (FSANZ) поставуваат прифатливи нивоа за сите типови на адитиви, вклучително и за вештачките засладувачи.

Билките и зачините се чини дека не го намалуваат ризикот за рак кај луѓето. Истражувањата кај животни укажуваат дека рузмаринот, лукот, кимионот, ѓумбирот и куркумата може да помогнат, но потребни се уште истражувања. Важно е да се забележи дека количините на билки и зачини коишто ги јадеме се многу помали од количините во научните испитувања.

Сепак билките и зачините содржат разновидност од витамини, минерали и антиоксиданти, и може да се користат наместо солта за да и дадат вкус на храната.

Единствениот тип на прегорена храна за кој треба да бидеме загрижени е месото. Хетероцикличните амини (HCAs) се образуваат при готвењето на црвено месо, риба или живина. Потврдено е дека тие состојки кај животните предизвикуваат рак на дебелото црево.

Количината на произведени HCAs зависи од времетраењето и температурата на начинот на готвење. Обидете се да не претерате со готвењето или да го зацрните месото на скара и користете маринада. Маринирањето на месото најпрвин го спречува загорувањето, го прави меко и му дава вкус.

Нема докази дека микробрановите предизвикуваат рак. Микробрановите создадени во микробранови печки не остануваат во храната откако ќе се исклучи струјата и не ја прават храната радиоактивна.

Чувањето на храната во ладилници изгледа дека го намалува ризикот за рак на желудникот. Тоа може да се должи на намалената потреба од сол за конзервирање на храната со ладење или затоа што расипливата храна, како на пример, овошјето и зеленчукот, се достапни подолго време.

Адитивите во храната се супстанции коишто се додаваат на храната за нејзино конзервирање и за засилување на нејзината боја, вкус или текстура. Адитивите обично се присутни во многу мали количини во храната и не постојат убедливи докази дека кој било адитив со тие нивоа предизвикува рак кај луѓето.

Во Австралија, Стандардите за храна на Австралија и Нов Зеланд (FSANZ) поставуваат максимум безбедни нивоа и ги надгледуваат нивоата на адитиви во достапната храна.

Озрачувањето на храната се користи за спречување на болестите што се предизвикани од бактериите во храната. На пример, спречува инфекции од салмонела, која може да се најде во производи од живина, како на пример пилешко. Процесот опфаќа изложување на храната на гама зраци или рендгенски зраци со цел да се убијат бактериите. Зрачењето не останува во храната по третманот и јадењето на озрачена храна изгледа дека не го зголемува ризикот за рак.

Афлатоксини е името за група токсини (отровни хемиски состојки) коишто се создаваат од две габи наречени Аспергилус флавус (Aspergillus flavus) и Аспергилус паразитикус (Aspergillus parasiticus). Тие токсини може природно да се појават во одредени видови на храна, вклучително кикиритки. Во зависност од нивоата, токсините можат сериозно да го оштетат црниот дроб и да предизвикаат рак на црниот дроб кај човекот. Во Австралија, афлатокините не претставуваат ризик за здравјето поради темелното тестирање кое се врши во различни етапи долж синџирот за исхрана и процедурите што се користат за отстранувањето на каква било контаминирана храна.

Терминот „органска храна“ се користи за храна што се одгледува без синтетички пестициди и ѓубрива, поттикнувачи на растот или генетски модификации.

Истражувањата што се вршат и во Австралија и низ светот не откриле значајни разлики во содржината на минеали, траги од елементи или Б витамин во органското овошје и зеленчук и житарици, во споредба со произведените со конвенционални методи. Сепак некои истражувања укажуваат дека органската храна може да има нешто повеќе витамин Ц.

Денес, ниту едно истражување не може да докаже дали органската храна е поделотворна во намалувањето на ризикот за рак, отколку храната произведена со други земјоделски методи. Затоа, изборот меѓу „органска“ и „неорганска“ храна е целосно личен.

Пестицидите и хербицидите може да бидат отровни кога не се користат соодветно. Иако овошјето и зеленчукот понекогаш содржат ниски нивоа на тие хемикалии, има голем обем на научни докази коишто одат во прилог на општите здравствени придобивки и заштитните влијанија против ракот од јадењето овошје и зеленчук.

Тековно нема докази дека ниските дози на пестициди и хербициди кои може да се најдат во храната, го зголемуваат ризикот за рак. Се препорачува внимателно миење и лупење на зеленчукот и овошјето.

Со истражувања е вршено испитување за влијанијата на флуоридите внесени преку забни третмани или додадени во пастата за заби, водата од јавниот водоводен систем и храната, и не е откриено зголемување на ризикот за рак.