Cancer Council

Разговор со децата за ракот

Разговорот со децата за ракот може да изгледа напорен, по постојат силни докази дека ако бидете отворени со децата, тоа ќе им помогне да се носат со дијагнозата за рак на некој што им е близок. Има многу причини зошто е најдобро да бидете искрени со децата.

Некои родители избегнуваат да зборуваат за ракот затоа што сакаат да ги заштитат децата, но тајните тешко се чуваат. Истражувањата покажуваат дека децата на кои ќе им се каже за болеста на саканиот имаат помало ниво на вознемиреност во споредба со децата на кои нема да им се каже. Децата забележуваат и честопати ќе се посомневаат дека нешто не е во ред, дури и ако лицето заболено од рак не е родител, туку пријател или дедо/баба. Тоа предизвикува страв којшто децата го присвојуваат. Ако децата се посомневаат дека има сериозен проблем за кој не сте им кажале, тие може да измислат свое објаснување. Нивната фантазија често е полоша од реалноста.

Децата може да се почувствуваат повредени ако дознаат дека тие биле исклучени од нешто многу важно за нив и за нивното семејство. Ако им кажете, покажувате дека им верувате и дека ги цените. Ситуацијата може да претставува можност за емоционален развој на децата и да научат како да се носат со животот кога тој не оди според планот.

Најлошиот начин да дознаете за лошите вести е случајно да слушнете. Тоа на децата може да им даде погрешна претстава: тие може да мислат дека темата е толку лоша што не можете да зборувате за неа, или дека тие не вредат за да бидат вклучени во разговорите. Децата исто така може погрешно да ги протолкуваат или погрешно да ги чујат информациите. Тие може да молчат или да рашират неточни инфромации на другите деца од семејството.

Може да се прашувате како децата ќе ги надминат лошите времиња, но има докази дека со добра поддршка, децата можат да надминат. Истражувањата покажуваат дека децата имаат полза од близок однос со возрасен – како на пример родител, вујко или семеен пријател – којшто ги цени и ги поддржува. Возрасен што е извор на поддршка и добра комуникација може да помогне да се издржат најтешките времиња.

Разговорот со Вашите деца за ракот им дава можност да Ви кажат како тие се чувствуваат и им покажува дека е во ред ако поставуваат прашања. Понекогаш децата им се отвораат на возрасни кои не им се родители. Тие може да се чувствуваат виновни за оптоварувањето на болниот родител или одземањето време на здравиот родител, затоа може да се доверат на некој друг како нивниот наставник или очув/маќеа. Како родител, важно е да ги охрабрувате Вашите деца да зборуваат за нивните мислења и чувства со Вас или со некој друг кому може да му се верува.

Може да имате многу посетители или помошници, но не дозволувајте им да надвладеат.  Обидете се да одвоите време за Вашето цело семејство и секое од Вашите деца.  Продолжете со нормални активности колку што е можно повеќе.  Срдечно дочекајте ги заложбите на децата да помогнат во домот, но не ги земајте ги здраво за готово.  Застанете и ислушајте ги Вашите деца за да знаете како навистина тие се чувствуваат.  Охраберете ги да Ви кажат ако се чувствуваат вознемирени и зошто.  Дајте им на знење дека не мора сами да се грижат.  Исто така зборувајте за активностите на децата и уверете ги дека се уште е во ред да се забавуваат.