Cancer Council

Палијативна нега

Палијативната нега нема за цел да прави обид за излекување на болеста, туку таа има за цел да Ви помогне Вам и на Вашето семејство да го подобрите Вашиот квалитет на живеење преку задоволување на физичките, практичните, емоционалните и духовните потреби поврзани со Вашата болест. Опфаќа лепеза од услуги кои ги нудат лекари, медицински сестри и сродни здравствени професионалци, како и доброволци и неформални негуватели.

Честопати третманот е насочен кон ублажување на болката или други симптоми предизвикани од ракот, но исто така може да опфати лекарства за физички негативни ефекти од третманите или емоционални проблеми.

За луѓето со рак во напреден стадиум, чијашто болест не одговорила на достапниот третман и тешко дека може да се излечи, најдобро е рано да се оствари контакт со тимот за палијативна нега за да дознаете што прават различните членови на тимот и дали услугите се важни за Вас во тој момент. Дури и ако службите за палијативна нега не се потребни на почеток, доколку Вашите потреби се променат понатаму може да дознаете што е достапно. Можноста за решавање на проблемите како што се јавуваат, не само што Вам Ви оди во прилог, туку исто така ги намалува товарот и стресот врз Вашето семејство и негувателите.

Генерално Ви е потребен упат за пристап до тим специјализиран за палијативна нега, затоа прашајте го Вашиот општ лекар или медицинската сестра во врска со ова, доколку се уште сте немале дискусија за тоа како палијативната нега може да Ви помогне. Откако ќе Ве упатат, тимот секогаш ќе се консултира со Вашиот општ лекар во врска со Вашата нега и третманот.

Палијативната нега можете да ја примате колку долго сакате. Во зависност од Вашата ситуација, можете да живеете солидно месеци или години.  Од друга страна, Вашата болест може да напредува побрзо, што значи дека тимот за палијативна нега ќе се сосредоточи на Вашите потреби за крајот од Вашиот живот. Во која состојба и да сте, Вашиот тим постојано ќе ги оценува Вашите барања и ќе ја приспособува негата за Вас според потребите.

Целта на одмената од нега е за краток период да ги замени негувателите во нивната улога. Одмена од негата може да добиете во Вашиот дом, или лицето за кое се грижите може да биде примено во центар за одмена на нега или во одредени случаи, во болница.

Најдобро е да исконтактирате со Центарот за одмена од нега за негуватели на Комонвелтот (Commonwealth Carer Respite Centre) порано, дури и ако немате непосредни планови да пристапите до одмената од нега. Тоа овозможува забележување на Вашите детали, па во случај Вашиот негувател да има потреба од одмена, или планирана или во случај на криза, Вашиот советник ќе биде запознаен за Вашата ситуација. Јавете се на 1800 052 222 за да разговарате за Вашата индивидуална ситуација.

Комонвелтот и државните влади ги финасираат основните служби за палијативна нега за да бидат бесплатни во Вашиот систем за јавно здравство за Вас и Вашето семејство, независно дали примате нега во домот или во јавна установа.