Cancer Council

Алкохол

Пиењето алкохол го зголемува ризикот за развој на некои видови на рак, особено рак на устата, на грлото, на хранопроводот, на мочниот меур, на црниот дроб и на дојката. Оралните карциноми се шестпати почести кај луѓето што пијат алкохол, отколку кај оние што не пијат.

Прекумерното пиење на алкохол не е единственото нешто што го зголемува ризикот за рак. Дури и пиењето мали количини на алкохол го зголемува ризикот за тие видови на рак, а колку повеќе пиете, толку поголем е ризикот.

Cancer Council препорачува да се ограничи или да се избегнува консумирањето алкохол со цел да се намали ризикот за рак.  Препорачаните количини не треба да надминат повеќе од два стандардни пијалаци дневно.

Еден стандарден пијалак е:

  • 100mL вино
  • 30mL (една голтка) жесток пијалак
  • 60mL (две голтки) шери
  • 285mL (средна чаша) пиво со нормална јачина
  • 450mL (една кригла) (лесно) пиво со ниска содржина на алкохол
  • 220-250mL готови слабоалкохолни коктели

Некои коктели содржат повеќе од три стандардни пијалаци!

Алкохолот е сигурен фактор на ризик за рак, но доказите за заболување на срцето не се толку силни како што порано се мислеше. Придобивките од умереното консумирање на алкохол за срцевите заболувања изгледа дека се однесуваат на луѓето во средно доба или постари. Значи, од гледна точка на ракот, пиењето алкохол е непожелно; додека од гледна точка на срцевите заболувања, малите колични на алкохол може да се полезни, но веројатно не за сите возрасни групи.

Има многу други позитивни нешта што можете да ги направите со цел да го намалите Вашиот ризик за срцево заболување, како на пример, здрава исхрана, редовна физичка активност и непушење. Тие исто така може да го намалат Вашиот ризик за рак. Ако изберете да пиете, останувањето во препорачаните граници може да помогне за намалување на ризикот за рак, а истовремено да нуди извесни придобивки за Вашето срце.

Се чини дека видот на алкохол што го пиете не прави никаква разлика. Според неколку истражувања, пивото, виното и жестоките пијалци, сите, го зголемуваат ризикот за рак.

Пиењето на големи количини алкохол наеднаш или опивањето, не се препорачуваат. Ако пиете алкохол, подобро пијте мали количини.

Долго време е познато дека пушењето е штетно за здравјето. Сега знаеме дека комбинираниот ефект на пушењето и пиењето алкохол значително го зголемуваат ризикот за рак. Всушност, кога луѓето пијат алкохол и пушат, комбинираниот ефект значително го зголемува ризикот од кој било од тие фактори поединечно.

Алкохолот содржи многу килоџули (или калории), така што лесно може да придонесе за зголемување на телесната тежина. Прекумерната телесна тежина исто така претставува ризик за развој на некои типови на рак, вклучително рак на бубрезите, на хранопроводот, на дојката и на дебелото црево.

За повеќе информации кликнете овде и преземете ја Листата со факти за Cancer Council (PDF)