Cancer Council

Заштита од сонцето

Тенот на кожата е многу повеќе од потемнување на кожата. Клетките во горниот слој од кожата произведуваат пигмент што се нарекува меланин, што и дава боја на кожата и чија задача е да ги штити клетките од апсорбирање на Ултравиолетовото зрачење (UV). Кога кожата ќе се изложи на UV зрачење, производството на меланин се зголемува и кожата потемнува. Меланинот обезбедува ниво на заштита од сонцето еднаква на крема за сончање со заштитен фактор 2.

Многу луѓе мислат дека тенот е знак за добро здравје, но реално, тенот е знак дека Вашата кожа била изложена на премногу UV зрачење и настапило оштетување. Дури и посветол тен е знак дека кожата се обидувала да се заштити со зголемување на производството на меланин.

Некои луѓе мислат дека е безбедно да се сончаат, се додека не изгорат. Но сончањето без горење, сепак може да ги оштети клетките во Вашата кожа, што води до оштетување на кожата, предвремено стареење и потенцијално до рак на кожата.

Ултравиолетовите (UV) нивоа во Австралија се толку високи, што дури и луѓето со маслинеста кожа или природно темна кожа, може да се изложени на ризик од оштетување на кожата и рак на кожата. UV зрачењето не можете да го видите или да го почувствувате. UV зрачењето не е поврзано со температурата и може да продре низ слаби облаци, така што изгореници од сонце може да се појават во студени, облачни денови.

Изгореници од сонцето може да се појават за помалку од 15 минути. Кожата поцрвенува за неколку часа од горењето, но изгорениците од сонцето ќе продолжат да се развиваат во следните 1-3 дена по изложувањето на UV зрачење. За сериозни изгореници од сонцето (појава на плускавци, треска, гадење), одете на лекар. Важно е да пиете многу течности бидејќи изгорениците од сонцето може да предизвикаат дехидратација, но избегнувајте ладни пијалаци коишто може да предизвикаат грозница.  Исто така може да помогне туширањето со ладна (не студена) вода и да се ставаат ладни облоги.

Ако имате благи или умерени изгореници од сонцето:

  • Пијте многу течности
  • Туширајте се или капете се со ладна вода – потоа нежно избришете ја кожата
  • Разговарајте со Вашиот фармацевт за соодветна крема за ублажување на изгорениците од сонце и друг ублажувач на болка, доколку има потреба.

Доколку не сте сигурни, разговарајте со Вашиот лекар или фармацевт.

Засолнувањето под сенка кога UV нивоата се над 3, може да помогне за заштита на Вашата кожа од оштетување од сонцето. Само сенката, може да го намали изложувањето на UV зрачење до 75 проценти. Кога се користи со други заштитни мерки, како на пример, облека, капи, очила за сонце и крема за сончање кои штитат од сонцето, седењето под сенка е најдобриот начин за обезбедување максимум заштита од UV зрачење.

Продавниците на Cancer Council имаат широка палета на облека, капи, очила за сонце и креми за сончање за мажи, жени и деца. Сите приходи од продавниците се вложуваат во истражувања за ракот и борбата против ракот.

За повеќе информации кликнете овде и преземете ја Листата со факти за Cancer Council (PDF)